Денеска се очекува да започнат разговорите меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од лидерот и иден мандатар Христијан Мицкоски, и коалицијата на партиите на етничките Албанци ВРЕДИ, за формирање на ново парламентарно мнозинство.
Оваа информација официјално ја потврдија партиски претставници, кои посочуваат дека првично ќе се разговара само за принципите на коалицирање, а не за ресори и функции, јавува „Фокус“
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера демантираа дека е направена било каква распределба на ресори во идната влада.
Во партискиот демент се вели дека во целост се неточни информациите објавени на една телевизија и „замолуваме да се воздржи медиумот од предвремено лиферување на информации, со оглед на тоа што пред само неколку часа Коалицијата ‘Твоја Македонија’ го овласти претседателот Мицкоски да преговара за составување на идната владина коалиција.
Процесот ќе биде транспарентен и поради точноста на информациите замолуваме да се запазува на нивната веродостојност“, стои во демантот од партијата.






