Лидерот на Демократското движење Изет Меџити во интервју за „Радио телевизија на Албанија“ вели дека преговорите за идната влада се веќе започнати.
Тој притоа нагласи дека Албанците од Македонија не се задоволуваат само со симболика (симболично учество – н.з,) и истакнува дека во владата во која ќе учествува ВРЕДИ, „граѓанот ќе ја почувствува топлата рака на власта“, пренесува порталот Telegrafi.
„Владата не може да постои без Албанците. Но, ние не претендираме да влеземе во владата по секоја цена.
Сметаме дека ако сакаме да имаме стабилна, целосна влада, тогаш дефинитивно во неа треба да биде присутна албанската опција.
Следната влада ќе има над 75 пратеници, ќе биде стабилна, ќе се бори против корупцијата, ќе се бори за владеење на правото, ќе биде ориентирана кон евроинтеграциите, ќе биде посветена на економскиот развој и животот на граѓаните“, рече меѓу другото Меџити.






