Косовскиот премиер изјави дека Косово во последните неколку недели се соочило со нов услов за прием во Советот на Европа, кој, според него, нема никаква врска со стандардите за членство во оваа организација.



„Не го прифаќаме условувањето за членство со Заедницата на општини со српско мнозинство. За нормализација со Србија разговараме во Брисел, а не во Стразбур. Членовите 7 и 10 од Договорот не можат да се извлечат од Договорот, да се стават во центарот или погоре како итно“, рече Курти.

На оваа тема Албин Курти говореше и на прес-конференцијата по седницата на Владата, истакнувајќи дека Косово ги исполнило сите услови и предуслови.

„Барањето да се испрати нацрт-статутот на Лајчак и на другите делегати до Уставниот суд на Косово беше одбиено три пати од институциите на Советот на Европа. Првиот пат во Париз на 27 март од Комисијата за политички прашања и демократија, вториот пат во Стразбур на 16 април повторно од Комисијата за политички прашања и демократија и трет пат во Парламентарното собрание кое имаше пленарна седница“, рече Курти.

Косовскиот премиер оцени дека проблемот е во тоа што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не го потпишал Пакет договорот, а Заедницата е дел од тој пакет.

Одговарајќи на новинарски прашања дали тоа значи прекин на дијалогот, Курти рече дека постигнатиот Договор од дијалогот во Брисел и Анексот од Охрид се многу повеќе од дијалогот, но дека проблемот е што Србија никогаш не го почитувала тој договор.

Гласањето за прием на Косово во Советот на Европа треба да биде на дневниот ред на состанокот на Комитетот на министри на земјите членки на Советот на Европа на 17 мај, меѓутоа сѐ уште нема потврда дека тоа ќе се случи.