Генералното собрание на Обединетите нации би можело да гласа во петок за нацрт-резолуција со која Палестинците ќе се признаат како квалификувани за полноправно членство во ОН и ќе препорача Советот за безбедност на ОН да го разгледа потенцијалното членство.
Гласањето во петок ќе покаже колкава поддршка уживаат Палестинците за нивната кандидатура, на која беше ставена на вето од страна на САД во Советот за безбедност минатиот месец.
Барањето за полноправно членство во ОН мора да биде одобрено од петнаесетчлениот Совет за безбедност, а потоа и од Генералното собрание.
Дипломатски извори очекуваат дека Генералното собрание во кое има 193 земји членки ќе ја поддржи нацрт-резолуцијата која оди во насока на членство на Палестина во ОН.
Некои дипломати изразија загриженост за дополнителните права и привилегии што сегашните нацрт-гаранции им ги даваат на Палестинците.
Се смета дека такво нешто може да стане преседан и за некои други случаи како Косово и Тајван.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, ја осуди нацрт-резолуцијата велејќи дека таа де факто ќе им даде на Палестинците права и државност, што според него е спротивно на Повелбата на ОН.
„Доколку нацртот биде усвоен, очекувам САД целосно да го прекинат финансирањето на институциите на ОН, во согласност со американските закони“, рече Ердан.
Имено, според американските закони, Вашингтон не може да финансира ниту една организација на ОН која обезбедува полноправно членство на која било група која нема „меѓународно признати атрибути“ на државност. Така, во 2011 година престанаа да го финансираат УНЕСКО, откако Палестина стана полноправна членка.
„САД остануваат на својот став дека најдобриот пат за палестинскиот народ до државност е преку директни преговори“, изјави Нејт Еванс, портпарол на американската мисија во ОН.





