Ако досега не беше јасно, сега се разјасни и дилемата која можеби дел од вас и ја имавте и сакам да му се заблагодарам на политичкиот субјект ЗНАМ и на нивниот претседател што ја разјаснија дилемата и што застанаа и јавно со ВМРО-ДПМНЕ рака под рака во поддршка на Гордана Силјановска Давкова, изјави лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски синоќа на митинг во Струмица.



„Ете така паднаа и тие маски кои ги носеа до вчера“, рече Ковачевски и додаде дека „ЗНАМ е создадена единствено за лична корист и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ“, рече претседателот на СДСМ.

„На истиот начин како што беше направен и политичкиот субјект НСДП во 2006 година и политичкиот субјект Демократска алтернатива во 1998 година. Последниве два што ги спомнав, едниот не постои, а другиот е минорен коалиционен партнер на СДСМ, бидејќи на крајот сите се враќаат таму од каде што потекнале, затоа што предавникот не што не го сакаат дома, предавникот најмалку го сакаат таму каде што отишол да предаде.

И затоа ви кажувам ќе ги гледате овие од ЗНАМ кога ќе ги стават во последна клупа во Собрание после 8 мај и со наведнати глави, не што ние нема да им правиме муабет, овие од ВМРО помалку ќе им прават муабет“, рече Ковачевски.

Тој дека во изминатите седум години, Владата предводена од СДСМ донела тешки, но значајни одлуки. Правевме и грешки, но факт е дека СДСМ е секогаш рамо до рамо со граѓаните и никогаш не сме се откажале од Македонија во која владеат принципите на солидарност, еднаквост и инклузивност, рече Ковачевски.