Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски изјави дека ќе гласа на претседателските избори и дека нема да пречкрта ливчето, ставајќи до знаење дека нема да гласа за актуелниот претседател Стево Пендаровски.



„Лично до мене што е, јас се извинив на граѓаните уште во јуни 2022 година за мојот ангажман како дел од поддршката на Стево Пендаорвски и сигурно тој нема да ја добие мојата поддршка…

Нема да имам неважечко ливче, апсолутно ќе гласам, нема да оставам мојот глас да пропадне“, рече Димитриевски кој беше еден од седумтемина кандидати во првиот круг претседателски избори.

„Јас веќе се извинив за мојата претходна поддршка за Пендаровски. Немам морално и етичко право јас да барам од гласачите кои мене ме поддржале кого да поддржат. Нема да го правам тоа и таа пракса е лоша“.

Димитриевски ги повика граѓаните масовно да излезат да гласаат и да ја дадат поддршката на кандидатот за кого сметаат, напоменувајќи дека поради евентуално неуспешни претседателски избори земјата може да се соочи со политичка и институционална криза.