Еден од највисоките воени претставници на Украина вели дека неговата земја во одреден момент ќе мора да отвори разговори со Русија за да стави крај на повеќе од двегодишната војна.
Во интервју за Економист, заменик-шефот на Управата за воено разузнавање на Украина (ГУР), генерал-мајор Вадим Скибицки, рече дека не гледа начин неговата земја сама да ја добие војната на бојното поле.
„Дури и ако успее да ги истурка руските сили назад до границите што е сè подалечна перспектива, тоа нема да стави крај на војната. Ваквите војни можат да завршат само со договори“, изјави генерал-мајор Скибицки.
Според него „на крајот ќе треба да се разговара, како и во секоја војна“. Скибицки додаде дека двете страни во моментов се натпреваруваат за „најповолна позиција“ пред можните преговори.
Според неговите претпоставки, сепак, таквото може да започне најрано во втората половина на 2025 година.
Неговите зборови се во спротивност со претходните изјави на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој постојано ја отфрла можноста за преговори со Кремљ.
Исто така, декретот што тој го издаде откако Русија формално анектираше четири украински региони во 2022 година, ги прогласи преговорите за „невозможни“. Зеленски неодамна рече дека Русија не била поканета на мировниот состанок во Украина планиран за јуни во Швајцарија, бидејќи нема гаранции дека Москва ќе преговара со добра волја.
Рускиот претседател Владимир Путин и други високи руски претставници велат дека Украина го блокира секој обид за мирно решавање на конфликтот.






