Дали Ахмети ја „смирува топката“: „Изјавите се повеќе политички, одошто реалистични“?! – „Не исклучуваме коалиција со ВМРО ДПМНЕ“!

„Ахмети изјави дека не исклучува коалиција со македонската десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат Гордана Силјановска-Давкова доби повеќе од 40 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори на 24 април.“ – објави телевизијата Топ Ченел од Албанија по интервјуто, кое го даде лидерот на ДУИ и на „Европскиот фронт“ Али Ахмети во нејзината емисија „Топ њуз“. Инаку, портпаролот на неговата партија Бујар Османи во дрзок настап ги праша вчера новинарите дали сакаат да да им нацрта на табла дека не може да има Влада без Бадентерово мнозинство. Иако ниту во Уставот, ниту во Законот за Влада не пишува дека за формирање влада е потребен процент од немнозинските заедници, портпаролот на ДУИ Османи искажа убеденост дека „не е важно само кој ќе освои мнозинство од 61 пратеник, туку и кој ќе има мнозинство според бадинтер“. Со тоа тој повторно се закани дека не може да има Влада без неговата партија. Меѓутоа, наспроти таквите агресивни и заканувачки изјави на Бујар Османи, дали во вчерашното интервју за албанската Топ Ченел Али Ахмети се обиде да ја спушти топката во „вжештените односи“ со македонската партија, за која станува се појасно дека е најверојатниот двоен победник и на претседателските и на парламентарните избори во Република Македонија? Се обидува ли Ахмети со „помирливи тонови“ да ѝ порача на ВМРО ДПМНЕ дека е, сепак, „подготвен за повторно коалицирање?“ Но, потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ и носител на изборната листа во изборната единица 4 Александар Николоски претходно веќе им порача на Али Ахмети и неговите сопартијци: „Со Али Ахмети е исклучена секаква соработка во било која варијанта, во било која форма, на било кој начин нема да има соработка со Али Ахмети. Ние сме многу сериозни дека ДУИ ќе оди во опозиција, јас сум свесен дека до првиот круг најголем дел од политичката елита и дел од граѓаните во Македонија мислеа дека блефираме и оти го правиме тоа за политички поени. Свесен сум дека во овој момент има граѓани кои сеуште мислат дека ова го правиме како политичка игра. Но, ние ова ќе го реализираме и нашата поддршка после изборите ќе расте, затоа што ќе видат дека го држиме зборот, како што го одржавме дека нема да има измени на Уставот под бугарски диктат и немаше“.



ТВ Топ Ченел пишува: Лидерот на ДУИ Али Ахмети зборуваше во врска со политичката ситуација во * Македонија и за односите со Албин Курти.  Ахмети изјави дека не исклучува коалиција со македонската десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат Гордана Силјановска-Давкова доби повеќе од 40 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори на 24 април.

„Ние сме имале заедничко владеење со ВМРО ДПМНЕ речиси 11 години. Претпоставувам дека сите овие изјави, кои ги слушаме, се повеќе политички, одошто се реалистични, така што ние ќе видиме што ќе постигнат страните во изборниот процес на 9 мај.“ – додаде Ахмети.

Тој ги коментираше и односите со Албин Курти. Ахмети негираше дека вмешувањето на Курти во * Македонија преку поддршката за албанските опозициски партии внело студенило меѓу нив, но посочи: „Не е добро за политичкото здравје на Косово да се меша во процесите овде од далечина од таму.“