„Потребата од обединување на Македонскиот народ зад водството на своите првенци-водачи е од клучна улога во ова време-невреме, кога разни Алиевци, Борисовци и останати волчи злокоби демнат над Македонија и македонскиот народ. Насушна е потребата обединувањето на македонскиот народ да се случи уште посилно и уште помасовно на 8 мај. Тогаш целиот Македонски род ќе каже пред лицето на светот во каква Македонија сака да живее!“ – нагласува Кирчо Анастасов, главниот и одговорен уредник на информативниот „Брегалнички портал“, во својот уреднички коментар со наслов „Драган Ковачки во ‘тројката’ одејќи од место во место повторно го распламти духот на Делчев“.
Покрај другото, Анастасов пишува: Источна Македонија од Бугарската граница над Пехчево и Берово, преку Делчево, Виница, Зрновци, Кочани, Чешиново- Облешево, Карбинци, па преку Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Свети Николе, Штип и Велес, се до скопското предградие… целата е во боите на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска-Давкова.
Во изборната единица 3 победата на Гордана Сиљановска Давкова во првиот круг од претседателските избори е толку голема, што сите изгледи за некаков поволен резултат на вториот круг за Стево Пендаровски и СДСМ се длабоко потонати во безнадежност. Ваквиот резултат во предност на бројот на гласови во корист на Гордана Силјановска-Давкова во голема мера се должи на темелната кампања, која што ја спроведува нејзиниот тим. Во тој тим еден од главните носители на кампањата беше и останува Драган Ковачки.
Како еден од најдобрите воени кадри, кои што ги има Македонија со чин полковник и огромно теренско и оперативно искуство, Драган Ковачки стана препознатлив по својата интензивна теренска агенда на крстосување низ сите населени места во изминатите неколку години, не само во оваа предизборна кампања. Затоа и уследи масовната народна поддршка на првиот круг за изборите на 24 април.
Преку директниот контакт со граѓаните од непокорното Русиново во Беровско, па се до клупите во Македонскиот Парламент, Драган Ковачки се претвори во бескомпромисен столб на македонскиот идентитет и вредности. Тој беше во изминатиот период еден од ретките поединци на политичката сцена во Македонија, кој што ги отвори и биеше бој со најсуровите и најскандалозните афери на власта на СДСМ и ДУИ. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ во него доби прекален борец за правда и заштитник на интересите на обичниот граѓанин и во најзафрлените села во периферијата на државата.





