„Гледам дека е голем патриотскиот отпор на македонската опозиција, оти божем се продаваат националните интереси и дека македонскиот народ е во опасност од асимилација и отуѓување. Зошто ја пренесуваат оваа застрашувачка порака до другите народи, зошто го ставаат под сомнеж сопствениот национален идентитет? Ништо нема да се случи, напротив, македонската заедница ќе се зајакне со внесувањето на Бугарите во уставот. Има гаранција од меѓународната заедница, од ЕУ, од САД дека нема, ниту ќе има дополнителни барања од бугарската страна.“ – кажа лидерот на ДУИ и на„Европскиот фронт“ Али Ахмети денес од собирот во Теарце, Тетовско. Ова го јави „Тетова сот“.
Според Ахмети, „иднината на нашата земја е Европската Унија и не постои друга филозофија и теорија, која може да го докаже спротивното“. „Се уште не се родиле мажи во оваа земја, кои можат да не убедат дека е поинаку од нашето мото: Да за ЕВРОПА, НЕ за Русија! Најнакрај, татковината на сите Европејци е Медитеранот, тоа е Балканот, тоа се албанските територии! Крајниот момент е и ова мало парче од Европа да стане нејзин дел. Ни потврдија многу европски личности дека ако го направиме и последниот чекор, ако го промениме уставот, ќе станеме членка на ЕУ за четири години. Затоа, да не го ставаме во заложништво зачленувањето на земјата во ЕУ.“ – рече Али Ахмети во Теарце.





