Мајстор, ама добар е потребен како никогаш до сега, ама на пазарот ретко се наоѓа, оти се што имаше добро, од човечки потенцијал, замина да работи во странство. Пролетта обично е резервирана за реновирање и поправки во домот. Поради тоа, побарувачката за мајстори расте, но и нивните дневници, кои достигнуваат и до 3.000 денари, преесува Вечер. Граѓаните велат дека е тешко да се најде добар мајстор и оти оние што ги има на пазарот, се приучени и многу скапи. И на интернет-сајтовите има многу малку огласи за мајстори, на кои стои само дека се работи за мајстор со долгогодишно искуство, но никаде нема цена. Граѓаните коментираат дека се изненадени од високите цени, кои не соодветствуваат со квалитетот на услугата.

И експертите се согласуваат дека цените на мајсторските дневници се многу високи и оти мајсторите ја користат моменталната состојба, поради недостиг на пазарот, и ги вадат цените од ракав.
- Реалноста е дека нема нови мајстори. Школите не профилираат ваков тип кадар. Оние што постојат на пазарот ја користат моменталната ситуација и поради тоа што нема мајстори на пазарот, се многу скапи. Побарувачката е многу поголема од понудата и во таков случај, тие ги диктираат цените. Надвор од секаква пазарна логика е да се бара 3.000 денари за менување чешма – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.
Оние мајстори што моментално ги има на пазарот се приучени и најчесто немаат соодветна школа. За да се надмине овој недостиг, Велковски смета дека мора да се мотивираат младите да изучуваат занаети.

- На младите треба да им се укаже дека занаетите се многу профитабилни и барани и оти може многу добро да се заработува со нив. Заврши девизата „учи, сине, за да не работиш“, сега важи нова девиза „работи за да заработиш и за да имаш – објаснува Велковски.
Според него, сите квалитетни мајстори од Македонија и од Србија заминале за Хрватска и за Германија, а кај нас останале само оние што се понеквалитетни и на кои ова им е дополнителна работа. Граѓаните велат дека, поради високите цени, веќе не може да си ги дозволат услугите на мајсторите, па најчесто сами си ги поправаат работите дома. Велат дека, освен што тешко се наоѓаат и се скапи, не се квалитетни. Па така, најчесто поправените работи веднаш се расипуваат, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Повеќе на Вечер.мк.





