Роџер Федерер стана најстариот тенисер на првото место на АТП-листата со победата над Робин Хасе во четвртфиналето на турнирот во Ротердам.
На 36-годишниот Швајцарец, кој до 20. грендслем-титула стигна минатиот месец со својот шести триумф на Австралија опен, го симна Рафаел Надал од врвот на ранкингот со победата од 4-6, 6-1, 6-1 над Холанѓанецот.
„Достигнувањето на бројот 1 е едно од, ако не и најголемо остварување во нашиот спорт“, не го криеше задоволството Федерер по мечот. „Понекогаш во почетокот на некој начин стигнувате до тоа бидејќи играте добро, но подоцна морате да се борите за тоа и да се изборите против некој што заслужува да биде на таа позиција. Кога се постар, можеби морате да вложите двојно повеќе напори за тоа. Ова можеби ми значи најмногу во мојата кариера“.
Федерер го престигна Андре Агаси како најстар играч што се искачил на врвот на листата на тениските професионалци. Американецот имаше 33 години кога последен пат беше прв светски тенисер во септември 2003 година. Агаси беше и меѓу првите што му честитаа на Федерер.
„Роџер Федерер продолжува да ја крева летвичката во нашиот спорт. Честитки за уште едно исклучително остварување“, напиша Агаси на „Твитер“.
Враќањето на Федерер на првото место ќе биде формализирано в понеделник, кога ќе биде објавена најновата АТП-листа. Тој го урна и рекордот на сонародничката на Агаси, Серена Вилијамс, која имаше 35 години кога во мај 2017 година последен пат се наоѓаше на првото место на ВТА-листата.





