Тешко е Србите да го признаат Косово, вели Вучиќ

Тешко е Србите да го признаат независно Косово во замена за членство во ЕУ, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ, за Ројтерс.



Тој истакна дека само компромис може да ја изведе српската провинција надвор од состојба на „замрзнат конфликт“.

ЕУ ѝ порача на Србија дека може да влезе во блокот до 2025 година, доколку спроведе реформи и ако ги нормализира односите со Косово. Не е експлицитно кажано каков договорот се очекува помеѓу Белград и Приштина, но германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, во средата за новинарите во Приштина изјави дека условот е Србија „да ја прифати независноста на Косово“.

Запрашан од новинар да ја протолкува изјавата на Габриел, Вучиќ рече дека ова не е единствената опција.

Српското раководство бара формула со која може да излезе пред јавноста на референдум.

Некои коментатори сугерираа дека Белград би можел да избегне признавање на Косово, но да се согласи за негово место во ОН, што Русија досега го блокираше.