Ковачевски: СДСМ е единствената политичка сила која може да ја внесе Македонија во ЕУ

СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе Македонија во ЕУ, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Социјалдемократскиот сојуз, на Европскиот караван на СДСМ и Коалицијата за европска иднина што се одржа вечерва во Центар.



На вечерашниот настан Ковачевски порача дека СДСМ е силна партија и не се откажува од борбата.

– Нашата историја, нашата традиција и нашата одлучност за подобра иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние никогаш не се откажуваме, рече тој.

Тој посочи дека се свесни дека постои незадоволство и дека ја примиле пораката од граѓаните.

– Мене и на моите другари ни е јасно дека партијата треба да се менува, за да ја вратиме довербата на граѓаните, рече тој.

Ковачевски зборуваше за активностите кои ги реализирале со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните и посочи дека со новата програма ќе продолжат да го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.

– СДСМ никогаш нема да се откаже од инклузијата и градењето едно општество за сите граѓани, без разлика на припадноста. Таа инклузија подразбира целосно почитување на Европските вредности како солидарност, правичност, чесност и одговорност и тие треба да важат за сите и за првиот човек во државата и за министрите, директорите, буквално за сите, реле Ковачевски.

Според него, изборите на 8 мај ќе бидат тешки, но, очекува дека ќе ја имаат поддршката во Центар.

– Во СДСМ постои цврсто единство, ние сме обединети и ќе продолжиме да се бориме за она во кое веруваме, а тоа е прогресивна, напредна и подобра Македонија, заокружи тој.