Клиниките тонат, а министерот само гледа од височина. Штетата од синоќешната хаварија на Клиниката за токсикологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е санирана, изјави денеска министерот за здравство Илир Демири кој, пак, за наводите дека објектот не е осигурен рече дека ако е тоа точно менаџментот на Токсикологија треба да ја сноси одговорноста. Министерот вели дека Клиничкиот центар има заеднички служби чија примарна обврска е да се грижат за Клинички. Во нив, според него, е вклучена и обврската да интервенираат во случај на сите хаварии што може да настанат.

- „Ако зборувате за хаваријата со цевката од парното, тоа е санирано уште вчера од страна на заеднички служби. Во врска со вашето прашења дали е потпишан договор (за осигурување), тоа се интерни договори на клиниките со кои не располагам. Морам да ги проверам, па потоа да ви кажам дали е така или не“, рече тој.
Прашан за наодите и решенијата на надзорот во врска со 18-те вработени на Клиниката на кои им се истечени договорите, а според тврдењата на лекарскиот колегиум на Клиниката, организациската директорка инсистира да бидат вработени, Демири рече дека во случајот станува збор за 18 вработени кои се дел од здравствениот систем и одат на работа без да добиваат никаков финансиски надомест за тоа.

На директно новинарско прашање дали е законски Клиниката да не биде осигурана, Демири рече:
- „Не е законски и за тоа менаџментот на институцијата треба да преземе одговорност ако е вистина ова што го кажувате. Треба да се провери дали има договори или не,“ рече министерот.
За потсетување, ноќеска околу еден часот по полноќ на Клиниката за токсикологија пукнала цевка од парно, по што биле поплавени речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болничките соби на првиот кат, ходниците на приземјето, чекалната, сè до амбулантата на Оториноларингологија и дел од подрумските простории.





