Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании, реагира Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Осигурувањето за регистрација на возила од вчера поскапе за 15 отсто.
Новите цени ќе важат за товарните возила и за коли со моќност над 44 киловати, додека цената за возилата под 44 киловати останува иста, како што одредило Националното биро за осигурување.
Конкретно, ова значи дека сопствениците на возила со моќност од 44 до 55 киловати ќе плаќаат 6.292 денари наместо 5.453 денари, односно 839 денари повеќе.
Осигурувањето за возилата со мотор од 55 до 65 киловати, пак, се зголемува од 6.166 на 7.116 денари. За колите со моќност од 66 до 84 киловати цената на осигурувањето се зголемува од 7.133 денари на 8.233 денари, а од 8.510 денари на 9.821 денари е поскапено осигурувањето за колите со моќност од 84 до 110 киловати.
Осигурувањето за возилата со мотор над 110 киловати сега ќе изнесува 11.879 денари, а досега изнесуваше 10.294 денари. (МЕТА)






