Реџепи во 2021 го „минира“ уривањето на Владата на Заев, па влезе во неа, а сега ѝ се „упикува“ на ВМРО ДПМНЕ да влезе во Владата по 8.5!

„Лидерот на Движењето на народот Скендер Реџепи-Зејд не ја исклучува можноста за преговори со ВМРО-ДПМНЕ заради формирање на Владата, но посочи на условот, кој ќе го постават. Тој кажа: ‘Несомнено, рекоа сите лидери на партиите, но и кандидатот за претседател: ќе се држиме до европската линија за иднината на * Македонија. Јасно е дека тоа ќе биде со ВМРО ДПМНЕ, па ние ќе инсистираме на таа европска линија. Без  почитување на таа европска линија нема да дозволиме да продолжат другите разговори.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“. Инаку, сосема е нејасно дали Реџепи зборува во свое индивидуално својство и во име на неговата партија, или во име на целиот „Европски фронт“ на ДУИ и Али Ахмети, ако воопшто го властиле за „фрлање ишарети“ кон ВМРО ДПМНЕ како се поверојатен победник на парламентарните избори и како партија, која ќе го преземе кормилото на Македонија во следните четири години?! Исто така е крајно нејасно: што го принудило овој „лидер“ на „политичка партија“ да го смени мислењето само по пет дена, имајќи предвид ги неговите „тврди“ и „категорични“ зборови, дури и со своевиден тон на закани кон ВМРО ДПМНЕ!? На 21 април од плоштадот „Македонија“, бездруго охрабрен од воинствените извици на неговиот „европско-фронтовски газда“ Ахмети „УЧК, УЧК!“, се „разјуначи“ и Скендер Реџепи-Зејд да „им каже на ВМРО ДПМНЕ и македонската опозиција дека нема Влада без Албанци, оти на таа работа ѝ умреле и мајката и таткото!“ Скендер Реџепи-Зејд е клучниот пратеник, поради кој пропадна во ноември 2021 година веќе договореното уривање на Владата на Зоран Заев. Иако тој прифати да гласа тој месец за недоверба на таа Влада, сепак „исчезна“ и одбегна тоа да го направи и конкретно, наспроти тоа што тогаш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека веќе имал обезбедено ново парламентарно мнозинство со Беса, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива за формирање на новата Влада. Смета ли Скендер Реџепи дека Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ денес заборавиле за ова негово тогашно не само непринципиелно, туку и предавничко однесување, па ќе пројават голема „љубов“ да го примат во Владата по 8 мај?!



Весникот „Коха“ имаше објавено на 21 април 2024 година: „Од централниот собир на Европскиот фронт на плоштадот „Македонија“ во Скопје, лидерот на Движењето на народот Скендер Реџепи порача дека земјата се стреми кон интегрирањето во ЕУ, а не да се врати во времето пред 2001 година, бидејќи тоа време никогаш не може да се врати повеќе.“

„Никогаш не може да има и Влада без Албанци, како што бара македонската опозиција ВМРО ДПМНЕ. Ние водиме битка со македонската опозиција, која бара со 61 пратеници да владее без Албанците. Тие се обидуваат да не вратат во времето пред 2011 година, ама на оваа работа ѝ умрела мајката! Тоа повеќе не е можно, бидејќи работите ги запечати УЧК. Барањата на македонската опозиција се задоцнети, сега не сме повеќе во 2001-та година, бидејќи имаме албански премиер за многу бргу ќе имаме и албански претседател! Затоа на таа работа и умрела не само мајката, туку ѝ умрел и таткото!“ – рече Скендер Реџепи-Зејд. Тој е, инаку, поранешен пратеник на сегашната опозициска албанска партија Алтернатива, но откако се „скара“ со неа, ја напушти и продолжи како независен пратеник, Во септември 2023 ја основа својата партија Движење на народот.