Фудбалскиот првак на нашава земја доживеа огромен скок и е убедливо најдобро пласиран тим од Македонија во новото рангирање на УЕФА. Македонскиот шампион Вардар сега е рангиран на 201 позиција, а тоа е придвижување нанапред за 54 места во однос на ланското рангирање кога Вардар беше 255 тим во Европа.

На сиот овој напредок ФК Вардар објави дека својот следен натпревар во нашата Прва лига, а тоа е в недела од 14 часот против Победа ќе го игра на стадионот во Ѓорче Петров. Причина за тоа се исклучително високите цени за користење на арената Филип втори, што ги постави Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

Ако нема договор меѓу нашиот најпопуларен клуб и претпријатието што го „држи“ поранешниот Градски стадион или сега, Националната арена Филип втори, на далеку полошиот стадион во западната скопска населба в среда ќе се игра и првиот меч од четвртфиналето на Купот на Македонија меѓу Вардар и Шкендија.




