Членови на здружението Богојавление од Охрид денеска на денот на изборите традиционално го посетија гробот на Христо Узунов, великанот на македонската национална револуционерна борба во кичевското село Цер.
,,Вечна слава војводо Христо Узунов”, порачаа од Цер Томе Тримчев, адвокатот Игор Кичеец, Зоран Рилковски и Ристо Медароски кои со децении на денот на погибието на славниот војвода го посетуваат неговиот гроб.
Узунов на денот на погибието можел да се повлече но во знак на пркос останал со својата дружина да се бори и да загине за Македонија.
Христо Димитров Узунов или познат како Арсениј, Арсо, Дуле, Маглата, Ристо, Самуил или Дуле Узунов (Охрид, 22 октомври 1878 – Цер, 24 април 1905) — македонски револуционер, учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Се школувал во Солун и учествувал во солунските училишни бунтови (1896). Лежел во битолскиот Централен затвор Катилане (1898 и 1902–1903). Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. Во Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. Учествувал во спасувањето на збегот од Рашанец на ок. 200 семејства. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско. Загинал со четата опколен од турска војска.
Во песната за Христо Узунов се пораките до неговата мајка во кои тој кажува дека Македонија е пред се.





