ЕУ се покажа поделена и скептична за проширувањето на Западен Балкан на денешната неформална средба в Софија.



Министрите за надворешни работи на Европската унија не постигнаа договор во врска со предлогот на Европската комисија за промовирање на проширувањето на Унијата кон Западен Балкан, со кој 2025 година се поставува како рок за пристапување на Србија и Црна Гора во Заедницата, пренесе Ројтерс.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, беше „многу разочаран“ од оваа цел, истакнувајќи дека првите две земји од шесте земји од Западен Балкан треба да бидат примени уште во 2022 година, пренесе News.bg.

„Сметам дека 2025 година е многу доцна и тие заслужуваат многу побрз пат за интеграција“ изјави Сијарто за новинарите, нагласувајќи дека влезот во ЕУ ќе помогне за олеснување на тензиите меѓу соседите во регионот, кој се наоѓа во „задниот двор“ на ЕУ.

Но, Германија, водечката сила во ЕУ, гледа неволно на тоа…

„Само што бев во Србија, а во Косово ситуацијата е крајно тешка. Ќе бидеме искрени за тоа денес“, рече германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел.

Одбивањето на Србија да ја признае независноста на својата поранешна покраина Косово, која е призната од повеќето земји членки на ЕУ, е само еден пример за тешките регионални спорови, кои ја загрозуваат интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

Европските дипломати истакнуваат дека корупцијата и моќните криминални банди кои шверцуваат оружје, дрога и мигранти на европските граници, се на врвот на долгата листа проблеми со кои шесте земји од Западен Балкан, кандидати за ЕУ, треба да се справат, ако некогаш воопшто бидат примени во ЕУ, информираат бугарски медиуми.

Полска, Италија и Австрија се меѓу земјите од ЕУ кои повикуваат на засилување на обидите за отворање на Унијата кон Западен Балкан, кој е предмет на растечкото влијание на Русија и Кина.

„Кој ќе стигне прв во Белград – Кина или ЕУ? Тоа е, проблемот со кој треба да се справиме зашто се работи за нашиот ‘заден двор’“, истакна министерката за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсел.