Стотици Македонци денеска се собраа пред споменикот на македонскиот револуционер Јане Сандански во Мелник и го одржаа најавеното чествување на 109-годишнината од убиството на „пиринскиот цар“, и покрај „притисокот и провокациите“ од бугарската полиција, кои Обединетата македонска организација „Илинден“-ПИРИН детално ги набележа во објава на Фејсбук.
„На 21 април 2024 година беше спроведен семакедонскиот собор во Мелник. И покрај прогнозите за лошо време, присуствуваа стотици гости од цела Пиринска Македонија, Софија, Шумен, Република Македонија, Егејска Македонија.
За жал, годинава властите применија сосема непотребен притисок и провокации. Беа мобилизирани околу стотина униформирани и полицајци во цивилка, автобусите беа запирани дури и на 80 километри пред местото на соборот и сите лични карти беа земани, повеќето активисти и обични луѓе беа сликани од полицијата без никаква причина и одблизу. Не направија ни наjмала провокација.
Беше проверуван багажот на патниците за соборот и конфискувани знамињата на организаторите. Не беше дозволено да се развее ниту едно знаме и секој обид во таа насока беше спречуван и знамето конфискувано. Беа одземени и неколку знамиња на ЕФА (Европска слободна алијанса).
Беа забранети исто така и транспаренти, а на еден човек дури му побараа да си го соблече џемперот зошто на него пишуваше ‘Ја сакам Македонија’. Еден автобус два пати беше запиран и два пати беа земани за сликање личните карти.
Такви пунктови на полицијата имаше на Папаз Чаир, на Делчево, Мелник и во Рожен. На двете места за полагање цвеќиња – на гробот на Јане Сандански кај Роженскиот манастир имаше ненормално големо присуство на полиција, а исто беше и во Мелник. Беше направен обид за провокација од Фондацијата ‘Македонија’ кои ги имаа покриено со бугарски знамиња гробот на Јане Сандански и неговиот споменик и го имаа ставено името на својата фондација.
Провокацијата е во тоа што се смета дека војводата е убиен по наредба на бугарската влада и во денот кога се чествува неговата смрт и кога ниту една владина институција не положва венец со извинување, поставувањето на знамето можеше да провоцира некого да реагира и со тоа да се создаде инцидент.
Надежите на службите за безбедност и на Фондацијата ‘Македонија’ во таа насока се изјаловија, зошто Македонците не подлегнаа на провокацијата. Зачудувачки е што луѓе што тврдат дека се Бугари го користат државното знаме како вид на провокација.
Наспроти сите пречки, соборот помина успешно. Делегациите на ОМО ‘Илинден’-ПИРИН и на ОМО ‘Илинден’ положија венец на гробот на војводата. Прво зборуваше Стојко Стојков од името на ОМО ‘Илинден’-ПИРИН и покани за минута молк во спомен на војводата, а потоа Кирил Тилев од ОМО ‘Илинден’ имаше кратко обраќање.
Соборот започна кај споменикот на Јане Сандански во Мелник, а го водеше Милан Ризаков. Војводата беше почестен со минута молчење и паѓање на колена.
Потоа зборуваа внукот Борис Сандански и Димитар Иванов.
Настапи фолклорната група ‘Јане Сандански’ од Ново Село (Р. Македонија), пееше Дамјан Стојаноски (син на Војо Стојановски), а свиреше оркестарот ‘Македонија’.
Се положија венци пред споменикот. На војводата му оддадоа почит и претставници на ‘Комити Скопје’.
We Are Macedonia – Ние Сме Македонија
#macedonianminority in #bulgaria
#Macedonians“, стои во ФБ-постот на ОМО „Илинден-ПИРИН:






