Адвокатите на австриската фирма „АММА увоз извоз Австрија“ вчера побарале притвор за Атанас Костов, управител на компанијата „Феникс Аграр“ (поранешна „Дена продукт“) и зет на екс премиерот Зоран Заев.



Мерката е побарана, бидејќи Костов сè уште ја нема дадено книговодствената документација за фирмата за која се води стечај, објави Фокус.

Случајот беше обелоденет пред повеќе од една година кога „Фокус“ објави сторија дека валандовска компанија го прекршила договорот со австриски инвеститори за извоз на корнишони, па Арбитражниот суд во Виена пресудил фирмата да плати 4 милиони евра.

Адвокатскиот тим на „АММА увоз извоз Австрија“ побара разрешување и на Драги Димовски, стечаен управник од Струмица кој ја води стечајната постапка.

Оранжериите на „Дена продукт“, и покрај стечајната постапка, продолжуваат со производство и тоа за Атанас Костов кој ги користи стаклениците без надомест. Димовски не се противел за тоа, бидејќи, како што рече, веќе биле засадени култури кога била отворена стечајната постапка.

Освен Австријците, побарувања пријавила и компанијата „Вики трејд“, каде е сместена сега документацијата на должникот, факт кој го потврди и стечајниот управник, како и фирмата „Џокер“ од село Фурка, Дојран, која е предлагач на стечајот.

Фирмата „Глобал трејд“, пак, на сопругата на Костов, Емилија Костова-Заева пријавила побарувања од 5 милиони евра, што е процентуално повеќе од австриската фирма, па сега постои опасност парите што ги должи Костов, основач и управител на „Дена продукт“, да му се вратат пак нему, наведува Фокус.