Молк за мостот „Беласица“

Речиси една година мостот „ Беласица“ не е целосно во функција. Скопјани не добиваат објаснување, зошто и по осум месеци откако се извадија опожарените топловодни цевки не се монтираат нови. Како што пишува „ Слободен печат“ ниту од Од Град Скопје, ниту од ЕСМ нема конкретно објаснување што е проблемот



Секојдневно на мостот, во двете ленти по кои се вози е невидена гужва во сообраќајните „шпицеви“, мостот е максимално товарен. Никаде ги нема да кажат зошто не се пушти во целост сообраќајот. Нели беше поради безбедноста на работниците? А работници нема. Зошто ништо не се работи и не се монтираат цевките? И навистина ли е безбеден мостот? Мора да има некаков проблем, ама ако има не смеат да си играат со безбедноста на граѓаните. Или нека го затворат или нека го пуштат ако е сѐ во ред – реагирал Зоран П. во редакцијата на „Слободен печат“.

Објектот беше затворен за сообраќај откако беше опожарен во мај минатата година, па се правеа анализи дали пожарот влијаел на неговата стабилност, дали предизвикал сериозни оштетувања. Потоа, на почетокот на септември мостот беше делумно отворен за сообраќај. Објаснувањето на градоначалничката Данела Арсовска беше дека ќе се вози по две ленти, а двете средишни ќе се пуштат во сообраќај откако ЕСМ ќе заврши со монтирањето на новите цевки.
Од што стравуваат надлежните, одговор досега нема
Во меѓувреме, екипи од ЕСМ ги размонтираа опожарените цевки и најавија дека ќе монтираат нови. Помина цела грејна сезона, а новите цевки и понатаму лежат покрај мостот, додека од компанијата постојано одговараа едно исто – дека станува збор за сложена активност.
Анализата која се правеше подоцна утврди дека мостот е во одлична состојба и е сигурен и безбеден за сообраќај и за движење на граѓаните. Дополнително беше извршена прва фаза на пробно товарење, а во моментов се чека завршување на поставувањето на цевководот за топлинска енергија по што мостот ќе биде пуштен во целосна употреба – тврдеа од Градот по тестирањето.
На средината од април нема промена на состојбата, освен што неофицијално се пишува дека наскоро повторно ќе се врши товарење на мостот со шест камиони, како и во декември.

Од Градот ниту го потврдуваат ниту го негираат ова. Оттаму не одговараат на прашањата зошто повторно се врши товарење кога по првото, како што се пофалија, се утврдило дека мостот не само што е безбеден туку е во „одлична состојба“. Молчат и за тоа дали се планира некогаш (и кога) мостот целосно да се пушти во сообраќај.

https://www.slobodenpecat.mk/molk-od-grad-skopje-i-od-esm-nishto-ne-se-raboti-ni-na-mostot-belasica-ni-pod-nego-a-nikoj-ne-kazhuva-zoshto/