„И, денес, на 18 април, плата за март сè уште нема. Да биде целата ситуација уште потрагична, за неколку дена 3.000 вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување“, рече претседателката на Синдикатот за култура, Вера Атанасовска.



Таа најави дека вработените во културните институции од утре и секој нареден ден во 13 часот, почнуваат протести кои нема да запрат се до исплаќањето на платата за месец март усогласена со колективните договори.

Покрај протестите Атанасовска извести дека повеле постапка за тужба за доцнењето на платата. Овој пат ќе настојуваат и да се лоцира одговорноста за ненавремено исплаќање на веќе одработеното.

Според Атанасовска, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции.

„Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана културна работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк“ појасни Атановска.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов на прес-конференцијата денеска посочи дека платите треба денеска да се исплатат согласно колективниот договор. Во спротивно, како што рече, од утре почнуваат протестите.

Тој напомена дека од денеска ќе зависи дали тие протести ќе бидат само пред Министерството за култура или и пред Министерството за финансии.