Силјановска Давкова: Заради Пендаровски и Османи имаме 17 непополнети амбасади

Шокантно е да чуете од врвни дипломати, инаку заборавени и неконсултирани, дека во моментов имаме 17 непополнети амбасади, а дека дури деветмина заминале за амбасадори без да го поминат законскиот тест пред Комисијата за надворешна политка, истакна денеска кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
Таа дополни дека амбасадите не се пополнети заради партиските несогласувања.



-Значи имате амбасадори од кариера кои може да ги пратите каде сакате. Ама, имате обврска да ги пратите оние со кои претседателот на минатите претседателски избори, а веројатно и на овие, се договарал дека ќе дојдат на позиции. Позиции што иако не се заслужени, во договорите треба да ги добијат коалиционите партнери. Затоа ако дипломaтијата е наше огледало, оние однадвор не гледаат убава слика! Нашата слика, е за жал нивната слика! Сетете се кој не претставува.

Нам ни треба владеење на право и правна држава! Нам ни требаат слободи и права! Нам ни треба независно судство! Нам ни треба добро образование, а не само многу образовни институции кои произведуваат дипломи, но не и знаење! Нам ни треба социјална држава! Нам ни треба пристојно европско место за живеење, децидна е Давкова.

Бидете убедени дека ние сме тие кои на дело покажуваат дека сме европјани! Тие мислат дека ЕУ е реторика. Но, не е, нагласи Силјановска Давкова.