Коалицијата Вреди денеска преку прес-конференција во близина на Гинеколошката болница во Чаир потсети на сега затворената истрага за поранешна СЈО, позната како случајот „Пациент“, каде осомничен беше д-р Бујар Османи.
„Токму денешниот претседателски кандидат е обвинет за финансиска злоупотреба во овој објект кој ни е свет и во кој секојдневно се раѓаат нашите ќерки, нашите сестри, нашите пријатели.
Јавно прашуваме дали Албанците заслужуваат ваков кандидат за претседател, јавно прашуваме, ако не им е грижа за маката на граѓаните, дали овие политичари мислат дека оваа болница можат да ја користат нивните роднини. Граѓаните никогаш не го забораваат Бујар Османи-пациентот.
Можеби партизираниот суд на чело со Артан Груби го турна овој случај во ќоше, но време е за одговорност“, изјави Фиторе Ќирези од ВРЕДИ, пренесува Телеграфи.
На обвинувањата реагираше кандидатот за претседател Бујар Османи, кој рече дека се работи за предмет на обвинителката Катица Јанева, која веќе е во затвор и е на американската „црна листа“.
Османи вели дека немало обвинение за тој случај, а рече дека тоа било отворено како тема по барање на Русија за да се дискредитира.
„Тој случај е единствена истрага, која ја покрена обвинител кој сега е во затвор и е на американската црна листа.
Оттогаш знам дека оваа истрага е покрената за дискредитација, на барање на Русија и со корумпирани елементи, а Обвинителството ја затвори уште во истражна фаза бидејќи утврди дека се’ е во ред.
Да се потсетува на случај за кој не е ни покренато обвинение, навистина покажува колку сте безидејни и колку сте очајни“, коментираше Османи.






