Основната каматна стапка на благајничките запаси да ја задржи на нивото од 6,3%, одлучила Народната банка по одржаната седница. Тоа е прилично високо ниво и се должи на борбата која монетарната власт веќе подолг период ја води со инфлацијата.
- Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии, објаснуваат од Народната банка.

Централната банка оценува дека престанокот на важноста на мерката грантирани цени влијаела на забрзување на инфлацијата во март на 4% на годишно ниво (3% во февруари).
- Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат – велат од НБ.
Оттаму додаваат дека очекувано во март инфлацијата скокнала од 3 на 4% поради укинувањето на замрзнатите цени но дека ова покачување на инфлацијата е под очекувањата на банката. Девизниот пазар е оценет како стабилен со соодветно ниво на државните резерви. Сепак, остварениот раст на економијата и во последниот квартал од минатата година но и во цела година е само 1% и тоа е под очекувањата на банката.





