Борбата на најмладата хероина Фана Кочовска против бугарските фашистички окупатори за слободата на Македонија

На денешен ден, 17 април се навршуваат 20 години од смртта на Фана Кочовска-Цветковиќ – „Петра“, народен херој на Македонија и Југославија, македонски првоборец од Втората светска војна. Таа е најмладата народна хероина, а таа титула што ја добила на 9. октомври 1953 година.

Фана е родена во битолското село Лавци на 27. јули 1927 година во македонско печалбарско семејство. Сѐ уште била бебе кога татко ѝ отишол на печалба во САД. Таа подоцна морала да ѝ помага на мајка си во вршење и на најтешките работи на поле, бидејќи печалбарската плата не била ниту сигурна, ниту постојана.

Втората светска војна ја затекнала на неполни 14 години, поточно имала 13 години и 9 месеци кога и била примена во Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Само по неколку недели, поради прогонот од бугарските фашистички власти, Фана преминува во илегала. На 14-годишна возраст застанала со пушка в раце во партизанскиот строј на Народноослободителната борба.

Како припадничка на партизанските одреди „Јане Сандански” и „Даме Груев”, Фана учествува во неколку битки против германско-бугарските наци-фашистички окупатори. Се одликува со голема храброст, смелост, енергичност и присебност. Поради тоа, како најмала меѓу соборците ги освоила симпатиите на сите. На свои 16 години, во 1943 година станува и член на КПЈ. Била дел и од Февруарскиот поход во 1944 година од Кожуф до Козјак. Тогаш таа е водач на младинскиот баталјон „Стив Наумов”.

Подоцна во истата 1944 година, Фана учествува во нападот на бункер на германско-бугарските фашисти кај Рудникот Злетово. Таа била дел од група од седум војници, кои требало да го запрат производството во рудникот за олово. Задачата била реализирана, но Фана била повредена. Другарите едвај се спасиле од непријателот. Седиштето на бригадата одлучило да ја остави да биде лекувана во селото. Но, Фана одбила да остане во селото и продолжила да се бори со бригадата.

Таа се истакнала и за време на битката кај селото Лавци, кога биле убиени командантот Тошо Ангеловски – Даскалот, младиот Панде Хајзе и неколку други храбри борци. Фана четири дена останала сама, опкружена од страна на бугарските патроли, кои и дење и ноќе ги барале, знаејќи дека партизаните се во близина. Но, и тогаш таа успеала да не биде откриена и по што следело продолжување на борбата до конечната победа и ослободувањето на Македонија.

Подоцна следело нејзиното вклучување во изградбата на македонската држава и работи на повеќе значајни државни функции, со кои, исто така, се вградила во тој дел на македонската историја. По ослободувањето вршела високи општествени и државни функции. Била член на Окружниот комитет на народната младина во Битола, член на Бирото на Централниот комитет на Народната младина на Македонија, претседател на Секцијата на жените во Македонија, како и член на оваа секција за Југославија.

Потоа е претседател на комисијата за општествен надзор на Социјалистичка Република Македонија. Била избрана и како член во Главниот одбор на Претседателството на Македонија, била делегат на Конференцијата на Сојузот на комунистите, како и на Десеттиот конгрес на Централниот комитет.

Фана почина на 17. април 2004 година во Скопје.



Извори: Macedonia : a True Endless Story … : Фана Кочовска-Цветковиќ – „Петра“ (1927 – 2004)

„Скопско ехо“: Херој: Фана Кочовска-Цветковиќ на 14-годишна возраст се борела против фашистите