Како Македонија дојде до ова дереџе и како владеењето на неправото во Македонија доби сосема нова димензија, анализира професорката Мирјана Најчевска во објава на Фејсбук констатирајќи дека во земјава неправото е озаконето!
„ Прво, имавме добри закони кои не се спроведуваа или лошо се спроведуваа.
За да може добрите закони лошо да се спроведуваат мораа да бидат уништени сите институции и контролни механизми (читај СИТЕ).
Администрацијата беше партизирана, корумпирана или под постојана закана и се менуваше со секоја промена на државниот врв. Уставниот суд, судовите и јавните обвинителства беа наполнети со зависни партиски кадри.
Секој нов механизам за заштита (Народен правобранител, Комисија против дискриминација, Комисија за заштита од корупција, …) беше во зародиш корумпиран или обезвластен.
Дури и единствената брана за непартизирана и професионална администрација Агенцијата за државна администрација мораше потполно да биде обезвластена за да може да помине сето ова“ пишуа Најчевска и додава:
„ Ни тоа не беше доволно.
Следниот чекор беше да се атакува на законите. Неправото се пакува во законска обвивка. Од надвор личи на закон, а одвнатре е неправо. Па така, ако си функционер, законски е да се краде, да се мами, и да не се одговара за криминал од најголеми размери,
За да се изгласаат вакви закони Собранието мораше да се претвори во легло на зомби кои притискаат копчиња по наредба на партијата. Во Собранието веќе не се дебатира, не се спротивставуваат аргументи, не се градат стратегии (тоа е најстрого забрането со Деловникот на Собранието). Во собранието се притискаат копчиња.
И, моментално главна задача на водечките партии во Македонија, на секои избори, станува во Собранието да влезат што е можно поголем број партиски марионети“, констатира професорката.






