Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, ја нарече „дрскост“ најавата на колегата Бујар Османи дека Македонија ќе биде меѓу 17 земји-коспонзори на резолуција за геноцид во Сребреница пред Генералното собрание на Обединетите нации на 2 мај.
Истовремено, Дачиќ го праша Османи дали сака да поднесе резолуција за геноцидот врз Србите во Јасеновац, заедно со Србија.
„Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и згора на сето тоа нè повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани“, праша Дачиќ на ТВ Б92.
„Зошто нема резолуција за германскиот геноцид врз Србите, или за турскиот врз Ерменците, или врз Србите во Независната Држава Хрватска“, додаде тој, наведувајќи дека „Германија, Холандија и Белгија извршија геноцид врз милиони луѓе во Африка“.
Шефот на српската дипломатија порача уште дека оние кои го извршиле „злосторството во Сребреница“ треба да одговараат за тоа, но дека за Србија е „неприфатливо муслиманите да се единствените жртви на војната“.






