Ленче Доневска, Македонка од Австралија, ќе настапи во зелено-жолтиот дрес на својата втора татковина на претстојното Светско првенство во „бенчпрес“ (кревање товар од легната положба) што ќе се одржи од 22 мај до 1 јуни во Остин, Тексас, Соединетите Американски Држави.
Лин, како што ја викаат во Австралија, родена е во Битола, нејзината мајка е од Смилево, пред пет години ѝ донесе на Австралија сребрен медал од СП во „бенчпрес“ во Хелсингборг, Шведска.
Таа е сестрана спортистка, па има настапени и на 3. СП во бразилско џиуџицу, како и на 5. СП во кревање товар и во олимписките квалификации во боречки вештини.
Во интервју за програмата на македонски јазик на австралиското радио Ес-Бе-Ес Доневска ја нагласува својата гордост што потекнува од Македонија и изразува желба да поттикне и други Македонки не само од Австралија, туку и од родната земја, да се занимаваат со овој спорт.
„Живеам во Австралија, но Македонија е во моето срце“, вели Ленче.





