Во последниве 5 години темелно следам 4 судски процеси и кога можам лично одам да слушам што се зборува во судница.
Еден од нив е предметот во кој Јавното обвинителство го прогонува кариохиругот Жан Митрев. Да беше Македонија правна држава обвинителката Искра Хаџи Василева досега ќе се повлечеше од предметот и ќе се извинеше за милионите наши пари кои трета година ги троши да ја убеди јавноста дека Жан Митрев по 25 години на чело на клиниката направил измама.
Да имаше правда државниот обвинител Коцевски и Советот на јавни обвинители ќе направеа мала ревизија и ќе видеа дека недовербата на јавноста во обвинителството се должи и на својата конфузна и кавгаџиски настроена обвинителка која од своите сведоци прави главни адути за одбраната на Митрев.
Минатата недела Јавното обвинителство се обиде преку перфидна манипулација и напад врз повеќе медиуми и професорот Калајџиев кои ја гледаат неспособноста на Хаџи Василева меѓу редови да им забрани на новинари да известуваат за предметот во кој кристално јасно се гледа зошто македонското правосудство е на најниски гранки во историјата.
За споредба и во предметот Траекторија кој го следев додека не запре поради застарување обвинителката Лиле Стефанова немаше докази и се однесуваше надмено и тоталитарно но таа барем имаше некаква правна логика и не се однесуваше кон судијата со толкаво непочитување. Стефанова иако од висина ги гледаше но ни оддалеку не ги понижуваше судиите кои го водеа предметот.
Во случајот за наводна измама на Жан Митрев имаме ситуација во која обвинителката Искра Хаџи Василева може да се претстави како ,,Ем шуто ем боде”.
Ем сведоците и се целосно неподготвени, ем меша членови на Европската конвенција за човекови права, ем се дере во судницата како да е на татко и, ем се жали дека била жртва на притисок. Непријатна за слушање при постојано поднесување на приговори во кои еднаш судијата како да е обвинителката на факултет ја подучи дека кога дава приговор таа треба да каже дали и зошто тој приговор е нерелевантен.
Срамно и тажно за гледање.
Всушност денеска ми стана јасно, дека обидот за притисок врз сведоци и обвинител за кој пишува Јавното обвинителство во своето ,,преседан” соопштение е всушност обид обвинителката да врши притисок врз судијката која го води случајот. На дело имаме вербална тортура на обвинителка врз судијка.
Како што очекував денеска крајно нечесно Хаџи Василева рече дека таа не стои зад соопштението на ЈО и ја префрли вината за катастрофалното соопштение на одделението за односи со јавност во ЈО и на екс колешката Билјана Лајмановска која на магичен или случаен начин во него ги вметнала истите тези и фрази кои ги користи обвинителката која сега ,,се пере” од него.
Денеска обвинителката Хаџи Василева во најмалку дваесетина пати ја прекина судијката која очигледно се плаши од моќната обвинителка.
За да ви биде целосно јасно како надмено и вербално насилно се однесува претставникот на Јавното обвинителство кон судијката во предметот треба да сте во судница .
Но и преку примери може да се разбере суштината на односот кон судијката која од непознати причини досега не ја казнува Хаџи Василева за непочитување на судот
На пример: Во еден момент судијката на обвинителката и рече дека може да дава приговори но нема право да се кара.
,,Немате право да се карате туку да давате приговор”, беше пораката на судијката кон обвинителката по која секој избалансиран човек и обвинител ќе се повлечеше и ќе запреше со вербалното насилство.
Но тоа не се случи.
За да ви биде јасно за каков профил на обвинител се работи во случајот на Искра Хаџи Василева треба да се знае што кажа таа по една жестока вербална расправија. ,,Без срам и перде” во еден момент обвинителката Хаџи Василева рече дека немала друг начин освен да вика погласно.
За дел од нејзиното однесување ми е срам да зборувам затоа што таа зема плата од данокот што јас го плаќам 3 децении и индиректно јас и сите ние финансираме вакви луѓе кои имаат доверба рамна на нула.
Тоа што на Жан Митрев со стотици вработени се уште му е блокирана сметката а забраната за продажба беше мистериозно повлечена токму на барање на обвинителката во момент кој е многу специфичен е посебно прашање за кое ќе ви кажам подоцна.
Горан Момироски Фејсбук статус





