Цените на становите во еврозоната, мерени со индексот на цените на куќите (HPI), паднаа за 1,1 отсто на годишно ниво во четвртиот квартал од 2023 година. Наспроти тоа, цените на становите во Европската унија во истиот период се зголемија за 0,2 отсто на годишно ниво. На годишно ниво, цените на становите пораснаа во 18 земји-членки на ЕУ, паднаа во осум земји на ЕУ, додека податоците за Грција се уште не се достапни.

Највисок годишен раст на цените е забележан во Полска од 13 отсто, Бугарија за 10,1 отсто, Хрватска за 9,5 отсто, а најголем пад во Луксембург за 14,4 отсто, Германија за 7,1 отсто и Финска за 4,4 отсто. На квартално ниво, цените на становите паднаа за 0,7 отсто во еврозоната или за 0,3 отсто во Европската унија, споредено со третиот квартал од 2023 година. Цените на становите пораснаа на квартална основа во 14 земји-членки на Европската унија, паднаа во 11 земји од ЕУ, не се променија во Италија, а податоците за Грција повторно нема.
Највисок квартален раст на цените е забележан во Полска од 4,8 отсто, Хрватска од 3,4 отсто, Ирска за три отсто, а најголем пад во Франција за 2,7 отсто, Латвија за 2,5 отсто, Данска и Шведска по 2,3 отсто.

Цените на становите во Македонија, конкретно во Скопје во првиот квартал годинава поскапеле за 4,7 отсто на годишнo ниво, а бележат пад од 0,8 проценти во однос на претходниот квартал, покажува Индексот на цените на станови на Народната банка.
Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.
Според податоците на Народната банка, во последното тримесечје од 2023 година становите поскапеа за еден процент во однос на третото тримесечје, а на годишно ниво за седум проценти. Во првиот квартал лани цените на становите се зголемија за 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво, во второто тримесечие од 1,6 отсто, односно од 12,9 отсто, а во третиот квартал од 2,9 проценти, односно од 11 проценти.





