Придонесот на Кепески кон македонскиот јазик како бедем пред негаторите на македонската самобитност и идентитет

„Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува потврдување на објективната јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите. … Со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик… …историска беше нужноста од создавање граматика за македонскиот литературен јазик.“ – има кажано уште пред 78 години Круме Кепески, пишувачот на првата Граматика на македонскиот јазик, со што најдобро ги демантира сите негаторски фалсификати на Бугарија дека македонскиот јазик е, наводно, создаден во 1944/1945 година, укажувајќи едновремено на многувековното постоење и развој на македонскиот јазик. Денешниот 8 април е денот кога се одбележува 115-тата годишнина од раѓањето во Прилеп на овој исклучително значаен македонски педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби, граматичар и автор на првата Македонска граматика, објавена во 1946 година. Токму поради значењето на овој датум за македонската национално-политичка и јазична историја наша обврска е не само да си припомниме за животот и творештвото на Кепески, ами и и да ги имаме секогаш предвид, како македонски народ, неговите драгоцени совети како треба секој роден говорител на нашиот мајчин македонски јазик да придонесува за неговото постојано градење и развој.



Круме Кепески е македонски лингвист, кој со филолошка и лингвистичка наобразба се здобил уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик, кога и ја започнал својата културна дејност во прилог на осмислување на македонистиката во рамките на славистиката. Активно продолжил да се занимава со неа во првите децении од стандардизацијата на македонскиот јазик, кога несебично се вклучил во практичната примена на литературнојазичната норма на македонскиот јазик, односно на усовршување на нормата и на научната разработка на македонскиот јазик.

Во статијата со наслов „Македонскиот јазик – основен предуслов за национална идентификација“, објавена во весникот „Македонска нација“ од 7.7.2010 година, се посочува на аманетот, кој им го остави Кепески со својата граматика на македонскиот книжевен јазик на сите наредни македонски поколенија: „Круме Кепески остави значаен и непобитен придонес за македонскиот народ. Неговата мисија е исполнета и тој како аманет им ја остави граматиката на македонскиот литературен јазик на сите наредни поколенија на македонскиот народ. Кепески ѝ припаѓа на историски еминентната генерација македонски интелектуалци и творци, што созреваше во годините непосредно пред Втората светска војна и која се вклучи многу активно во столетните стремежи на своите претходници, но и на своите современици.“

Професорката Снежана Веновска -Антевска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ја нагласува улогата на овој јазичар од еден многу важен аспект: „Најважната улога на неговата граматика е што ја разви свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Можеби е затоа поставеноста на јазикот на прво место при националната идентификација заедно со чувството за припадност кон македонското. Таков израз на идентитетот побуди оваа прва граматика на македонскиот јазик.“

Кепески: Се одѕвав на апелот на Крсте Мисирков и Ѓорѓи Пулевски за јазикот мајкин македонски

Авторот на првата македонска граматика за својот најзначаен придонес кон македонскиот јазик многу јасно укажал каков патриотски долг почувствувал во врска со создавањето на неговото знаменито дело: „Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзвав на апелот од Крсте Мисирков кој вели: ‘македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците’, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: ‘људи учени који го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика’, и се зафатив со пишување на првава Граматика на македонскиот литературен јазик.“ – кажал Круме Кепески, авторот на првата македонска граматика, за својот најзначаен придонес за македонскиот јазик. Овие негови зборови се цитирани во книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска, која ја објави издавачката куќа „Македоника литера“.

На 26 јануари во 1946 година изглегла од печат првата Граматика на македонскиот јазик, напишана од Кепески. Значи, најважната улога на неговата граматика е тоа што низ 78-те години од нејзиното објавување таа ја развива свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Оваа прва македонска граматика има огромно просветно и културно значење за македонскиот народ, за осознавањето и натамошното развивање на неговиот македонски национален идентитет. Од национален и јазичен аспект таа граматика од професор Круме Кепески е еден од најзначајните моменти во поновата македонска национална и јазична историја.

Ова јазично дело се појавува во време кога народот ги чинел првите обиди да зборува литературно. Со неа се покажува посебната структура на македонскиот јазик. Граматиката на Кепески веднаш нашла соодветна примена во практиката, особено во образованието па и пошироко во сите комуникациски сфери, администрацијата, културата. Била наменета и за за сите, што сакале да го научат македонскиот јазик. Граматиката на Кепески им служела и на децата-бегалци од Егејска Македонија.

Кепески: „Ја пишував граматиката на македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум“

Во врска со пишувањето на својата граматика Кепески посочил со какви тешкотии се соочувал: „Почнав во февруари 1945 година, па се сретнав со големи тешкотии, зашто тогаш не беше подготвен правописот, а се дискутираше и за азбуката. Почнав да ја пишувам граматиката и пред да се обнароди правописот и пред да се прокламира азбуката. …Доста ми помогна моето познавање на старословенскиот јазик, а и некои изучувања, што ги имав вршено за прилепскиот и за битолскиот говор. Конечно, тоа беше македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што јас го познавав.“

Орден за заслуги за Македонија

Поранешниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов посмртно му додели Орден за заслуги за Македонија на професорот Круме Кепески, поради високите дострели што ги постигна тој во неговата долгогодишна образовнa дејност, со што даде придонес во промовирањето и афирмирањето на македонскиот литературен јазик.

„Со доделувањето на Орденот за заслуги за Македонија му оддаваме признание на неговото значајно дело и потврдуваме дека нашата земја знае да ги памети и слави своите истакнати дејци. Јазикот е нашиот национален и културен бедем пред сите негатори на нашиот македонски идентитет и самобитност.“ – ова беше образложението на Ѓорѓе Иванов при доделувањето на орденот на професорот Кепески.

Со собирањето на македонските народни умотворби Кепески се надоврзуваше и на традицијата на Марко Цепенков

Не помалку значајни се трудовите на Кепески од областа на терминологијата на македонскиот јазик, неговите преводи на македонски јазик, како и собираните македонски народни умотворби, со што се надоврзувал на традициите и на Марко Цепенков. Голем е и придонесот на Круме Кепески во педагошката практика по македонски јазик, бидејќи тој работел и како професор по македонски јазик. Неговата наставнонаучна дејност остварена првенствено на Педагошката академија во Скопје. Во својата образовна практика како професор тој се јавува како еден од првите профилирани методичари на наставата по македонски јазик и литература.

Круме Кепески починал на 3 ноември 1988 година во Скопје.

Дополнителен користен извор: „Круме Кепески“ – Википедија