Синдикалните лидери велат дека добиле поплаки од вработени во администрацијата за политички притисоци за време на кампањата.
Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија вели дека добиле поплаки за притисоци за учество на партиски митинзи.
Тој вели дека апелираат до работниците доколку добијат такви барања ние без пардон „таа институција или тој лидер што против негова волја ќе врши притисок да оди на митинзи, ќе ги објавиме во прес-конференција“, рече Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации.
Првиот човек на Синдикатот на вработените во администрацијата, Трпе Деановски, вели дека условувањето или принудувањето на административците да учествуваат на партиски собири е злоупотреба.
„Треба да знаат, а сигурен сум дека и работниците и партиите знаат дека ова е класична злоупотреба на вработените во администрацијата, судството или целиот јавен сектор. Политичките партии да ги држат рацете подалеку од административните службеници, судските функционери, да не ги тераат да одат на партиски митинзи, да потпишуваат каков било список, да не им се закануваат дека ќе останат без работа“, Трпе Деановски.
Лидерите на двата синдикати апелираат до политичките партии да ги остават работниците слободни во правото на глас и учество или не на собирите.






