Ккандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова не се согласува со мислата на германскиот филозоф Хегел дека „секој народ ја заслужува својата власт“.
Според Силјановска Македонците заслужуваат подобар претседател и премиер од тие што сега ги водат.
„Мислам дека вие не ја заслужувате оваа власт, тоа треба да се смени и по овие претседателски избори ветувам дека ќе го сторам она што го очекувате од мене. Секој ден ќе ви докажувам дека мојот легитимитет извира од вас, а не од некој друг“, порача Силјановска од предизборниот митинг во Неготино.
Според неа, во Македонија сега постојат две држави во една, две собранија, два премиери и за тоа вината е и кај шефот на државата.
„Негова улога е обединува и да помирува, да гради единство меѓу власта и опозицијата, меѓу мажите и жените, меѓу лицата со попреченост и другите”, изјави кандидатката.
Таа ги посочи државните претставници за тоа што Македонија не ужива углед во светот.
,,Се плашам кога сегашните државни претставници се среќаваат со странци и се прашувам што ли ќе кажат, дали ќе стојат на ставот.
Одат со еден став, се враќаат со друг став а потоа воопшто немаат никаков став и затоа не заслужуваат почит“.
А, сликата за државата е сликата на претседателот, премиерот, спикерот, амбасадорите, претседателката на врховниот или уставниот суд.
,,Претседателот има директна одговорност за лошата слика за земјата во светот затоа што тој ги потпишува указите за амбасадорите“ рече Силјановска.






