Македонија нема можности за производство на автомобили, оти нема добра инфраструктура

Македонија нема можности за производство на автомобили. За тоа е потребна солидно развиена инфраструктура која претпоставува и железница, огромен простор од 300 до 400 хектари, пет до десет илјади работници со соодветно знаење, голем број добавувачи. Освен тоа, нема ни индустриска традиција, каква што имаат Словачка, Полска, Романија.



  • Со популација како нашата и можностите кои ние би ги понудиле за производство на возила, според сите темелни анализи, е многу тешко, па дури и е во рамки на невозможното“, нагласува претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, во поткастот „Каде се парите?“.

Во таа насока зборува и за тоа зошто не се реализира најавената инвестиција за производство на електричните возила на „e.GO“.

  • Не се сеќавам дека некој од компанијата официјално дојде да го објасни целиот тој процес, на кој начин ќе се произведува школката на возилото, дали таа ќе биде метална, од карбонски влакна или некој друг вид на композити. Од каде ќе доаѓаат батериите, електромоторите, што точно и на кој начин ќе се составува овде и каде ќе се произведуваат возилата. За тоа треба да има поврзаност со железница, дали до пристаниште па потоа со бродски транспорт или со железница директно до некои централни транспортни хабови, од каде со друг транспорт ќе се пренесат до крајните потрошувачи, сметам дека тоа е неопходно. Во нашиов случај беше избрана зоната во Тетово, но таа директно нема пристап до железница“, посочува Мизо. Дополнува дека железницата мора да е внатре во самиот индустриски комплекс.

Исто така, вели, чудно било одолговлекувањето, со оглед на тоа што целта на секоја инвестиција е што побрзо да го оплоди вложениот капитал.

  • Од моментот кога таа инвестиција беше најавена, тоа беше некаде во август 2022 година, поминаа речиси 18 месеци. Ако некоја инвестиција е најавена и кога се знае колкав капитал вложувате, вие сакате многу брзо тоа да се реализира, за да може да го оплодите тој капитал. Знаеме што се случуваше со инфлацијата и со зголемувањето на сите трошоци“, вели тој.

Целиот текст прочитајте го тука, на порталот Пари.