Женската ракометна репрезентација на Македонија го декласира Азербејџан со 37:22 во Баку и на едно коло до крајот од квалификациите го обезбеди второто место во групата 5 и учеството на Европското првенство што ќе се одржи од 28 ноември до 15 декември годинава во Австрија, Унгарија и Швајцарија.



На избраничките на селекторот Кристијан Грчевски им преостанува уште реваншот со отпишаната Литванија в недела од 18 часот во Скопје за заверка на седмиот пласман на еврошампионатите, вкупно 12. големо натпреварување за „црвено-жолтите“, вклучувајќи ги и петте настапи на мундијалите.

Јована Саздовска беше најефикасна во победничкиот тим со 7 гола од 12 обиди, пред Сара Ристовска со 6/8, Ана Марија Коларовска со 5/7, а вкупно 13 македонски ракометарки се запишаа во листата на стрелците.