Странци ќе ги експлоатираат македонските работници, предупредува ССМ

Остра реакција од Сојузот на синдикати на Македонија кон Уставниот суд, велат дека со денешната одлука се дозволува да се работи и по 72 часа на ден.



„Сојузот на синдикатите на Македонија, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија и целокупното работничко движење во Македонија се крајно разочарани и револтирани после информациите дека Уставниот суд не повел постапка за утврдување на Уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој се дозволи да се работи 72 часовна работна недела или со кој се дозволи работниците во Македонија да работат 12 часа дневно, или 32 часа подолго од полното неделно работно време од 40 часови.

Уште пострашно е тоа што Уставниот суд потклекна под бизнис интересите и за повеќе од една година го промени ставот со оглед на тоа што веќе еднаш истиот Уставен суд донесе Одлука со која ја укина првата намера во Македонија да се воведе 60 часовна работна недела.

Работниците во Македонија, најостро го осудуваат денешниот чин со кој се забетонираа работничките права, особено правото на пристојно работно време и достоинствената работа, но очигледно дека во Македонија одамна нема достоинство и пристојност, а владеењето на правото е исклучливо право на бизнисот и богатите наспроти работниците и сиромашните.

Денешната Одлука на Уставниот суд е печат на модерно ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век, а се случува и денес во срцето на Европската унија во 2024 година.

Очигледно е дека само Сојузот на синдикатите на Македонија останува единствена брана и кој се бори за работниците, а затоа сакаат да го срушат, па македонскиот работник конечно треба да бира дали ќе се бори или ќе се сели од Државата, зошто друг избор нема, нема друг пример во светот каде што Државата сама дозволува на странски експлоататори да ги експлоатираат домашните работници.

Ова е најцрната честитка по повод 60 години од Уставниот суд, а тоа е дека работниците сами бираат да бидат робови и тоа според неколку судии во Уставиот суд е уставно“, се вели во писменото соопштение од ССМ.

Извор: Фактор