ССМ за судиите: Доколку влезат во Работничкиот дом ќе влеземе во нивните домови

Потесното раководство на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска се собра на протест пред зградата на Врховниот суд за, како што рекоа, да им дадат жолт картон на судиите поради судската одлука да им се одземе сопственоста на Работничкиот дом. Тие порачаа дека правото мора да владее во државата и оти не е работа на синдикатите да се изборат за тоа, но кога мораат – можат и ќе покажат дека правото ќе владее во земјава. Во спротивно најави дека по 1 мај ќе им дадат црвен картон на судиите.



-Чекаме до 1 мај. Доколку влезат во нашиот дом, ќе влеземе во нивните домови. Доколку го земат нашиот дом ќе ги земеме нивните домови. Ние друг избор немаме, отстапка назад немаме. Ние сме доведени до ѕидот, а до ѕидот се знае што се прави – се гази само напред и само право – изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Дојдовме, додаде тој, пред Врховниот суд да им го завртиме грбот на оние судии кои ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом.

-Денеска дојдовме тука само раководствата на синдикатите да им кажеме на овие судии дека време е правото и правдата да победи, дека не може на слободно судско убедување да одземаат имот кој работниците започнале да го градат во 1958 година врз основа на законот од 1998 година. Вакво чудо нема никаде во светот, суд со пресуда на работници кои двоеле од сопствена уста, од лебот, од синдикалната членарина, од нивните плати кои изградиле дом да го одземаат и да го даваат на државата за потоа државата да може да го раскрчми. Ние сме успеале 30 години од 1992 да го зачуваме Работничкиот дом во периодот на транзицијата кога олигархијата, газдите ги грабнаа работничките имоти и работничките фабрики и денеска 30 години после тоа сакаат да го грабнат и Работничкиот дом и на таков начин да го замолчат синдикалното движење – потенцира Трендафилов.

Тој рече дека ваквата пресуда „шефе види што им направив“ ќе предизвика штета на еден куп други организации во државата, почнувајќи од политички партии, од стопански комори, Црвен крст, пензионери, борци и слични организации кои пред 1992 година граделе свои сопствени куќи и свои сопствени домови.