„Уставните измени ќе се спроведат по изборите. Сакале ние, или не, тие ќе се случат. Ако не се реализираат уставните промени, не може да постои ниту државата.“ – изјави со упатување невидени закани Садула Дураку, член на Генералниот совет на ДУИ и носител на изборната листа на „Европскиот фронт“ во изборната единица 2. Дураку ова го изнесе во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21.
ТВ 21 пишува: Дураку вели дека овие одолговлекувања од ВМРО ДПМНЕ се прават само заради политички придобивки пред избори, но и откако ќе завршат изборите и ВМРО ДПМНЕ ќе ги прифати овие неопходни промени. Дураку е убеден во уставните измени: „Не е можно да постои како држава, ако не се спроведат тие измени.“
„Ако се во ВМРО ДПМНЕ државници токму како што треба и ако ја сакаат * Македонија, тогаш ќе ги направат уставните измени. Но, оние што сакаат да профитираат еден, или два дена,заради дневна политика, нема да ги спроведат уставните измени. Затоа ние го направивме фронтот.Сега имаме мисија, која треба да ја извршиме. Не може едно ВМРО ДПМНЕ, или еден СДСМ да ја води оваа држава каде што сака.“ – посочува Дураку.
Запрашан дали ДУИ може да ја води, Дураку одговара: „ДУИ може.“
Тој вели дека ако не се реализираат уставните промени не може да постои ниту државата. Упатува порака дека оваа држава не им припаѓа само на ВМРО ДПМНЕ, или на СДСМ, туку и на другите заедници. „Оваа држава не е само нивна, туку им припаѓа и на Албанците, и на Ромите. Тие се прикажуваат како господари на оваа земја како да е само нивна. Тие грешат, многу грешат. Треба да го сменат пристапот.“
На Садула Дураку му беше поставено прашањето: „Инаку што?“ Неговиот одговор гласеше: „Нема да може да постои оваа држава.“
Од него беше побарано да објасни што значат овие негови зборови, дали упатува јавна закана, кога вели „или ќе го промениме уставот, или ќе ја нема државата“? И од кога? Членот на Генералниот совет на ДУИ и носител на изборната листа на „Европскиот фронт“ во изборната единица 2 Дураку одговара: „Да, не е можно да постои. Уставните измени ќе се спроведат.“
За да се реализира ова, тој бара најголема можна поддршка за „Европскиот фронт“, за како што нагласува, „силна победа“, со цел да можат да го условат коалицискиот партнер со спроведувањето на уставните промени.





