Хрватската пејачка Северина Вучковиќ на концертот во Скопје ја сподели љубовта кон Македонија со своите македонски фанови.



На баладата „Град без луѓе“, по стиховите: „такви веќе не постојат”, таа довикна: „Македонија постои”!

Завршувајќи го двочасовното шоу во преполната спортска арена „Борис Трајковски“, една од најпопуларните естрадни ѕвезди на Балканот порача: „На крајот, имам само една желба, чувајте ја Македонија”, порача пејачката.

Одјавувајќи ја својата придружба на сцената, пак, Северина испеа и делови од „Македонско девојче“, од „Јовано, Јованке“ и од „Македонија“ на Дадо Топиќ и групата „Тајм“.

Денеска таа се осврна на концертот и на својот профил на Фејсбук.

„Синоќа беше неописливо. Би можела да ја претрчам цела Македонија и не би се уморила. Поради вас… Синоќа пред најмузикалната публика, пред некои среќни очи, пред публика која е помлада од моите песни, а и оние што ги паметам од концертите. Каква ноќ, каков концерт, какво чувство… Благодарам од срцето, коските, душата, потта, од крвта. Засекогаш сте ми врежани во кожата како невидлива тетоважа. И да… Чувајте ја Македонија!“, напиша популарната Севе, пишувајќи го зборот „благодарам“ на македонски.