Енкеледа Чела – државјанка на Албанија, која студирала на Економскиот факултет во Скопје се води како исчезната во петокот од скопската населба Илинден.



Девојката има 21 години, висока е 160 сантиметри има црвено кафеава коса, кафени очи и носи протези на горните заби. Во моментот на исчезнувањето била облечена во фармерки и црна јакна, а на себе носела ранец.

Нејзината другарка, Јоана која ја сподели објавата за исчезнатата девојка, за „Макфакс“ изјави дека последен пат ја видела во петокот вечерта.

За исчезнувањето информирано е и нејзиното семејство кое живее во Албанија. Девојката не се вратила кај нив, а тие се на пат кон Македонија за да ја бараат.

Нејзината другарка вели дека иако биле многу блиски, таа не споделила со другарките дали има некаков проблем, ниту пак кажала дека сака да ја напушти државата.

Девојката е недостапна на нејзиниот телефон.

Нејзината фотографија е објавена на социјалните мрежи, a случајот е пријавен во МВР.

„На 30.03.2024 во ПО Петровец Г.Т. пријавила дека Е.Ч.(20) од Република Албанија се оддалечила од домот во Скопје каде престојува. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР за „Макфкакс“.