Бојан Миовски ја прекина серијата од осум натпревари без гол за Абердин, погодувајќи во победата од 2:1 против Рос Каунти на домашен терен во 31. коло од шкотскиот фудбалски Премиершип.
Напаѓачот на „донси“ и на репрезентацијата на Македонија го отвори резултатот само по пет минути игра на „Питодри“ и стигна до својот 23. погодок на 45 средби во сите клупски натпреварувања сезонава.
За 24-годишниот штипјанец ова беше 14. гол во елитната конкуренција во Шкотска, со кој се искачи на третото место на листата на стрелците. Пред него се само Шкотланѓанецот Лоренс Шанкланд од Хартс со 20 и Англичанецот Џејмс Таверние од Ренџерс со 15.






