Најавувајќи ја претстојната средба на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и на неговиот македонски колега Никола Димитров во Софија, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека двете страни се блиску до името „Горна Македонија“, напишано на македонски и без превод, но остануваат далеку во однос на нацијата и на јазикот на северниот сосед на Грција.
„Досега Атина и Скопје се чини дека се доближуваат до името Горна Македонија (напишано на македонски – н.з.), но остануваат многу далеку во другите аспекти на преговорите, особено оние што се однесуваат на националноста и на јазикот. Грција не признава дека постои ‘македонска’ нација“, пишува „Катимерини“.
Весникот ја оценува најавената средба на шефовите на дипломатиите на двете земји на маргините на неформалниот состанок на министртите за надворешни работи на Европска унија како „краш-тест“ за дипломатските стратегии на Грција за прашањето за името.
Аналитичарите, пишува весникот, велат дека обидите на премиерот Зоран Заев да постигне деликатен баланс меѓу „реалноста“ и влијанието на „славомакедонските националисти“ во голема мерка ќе го диктира исходот на преговорите.
„Извори блиски до преговорите ги споредија со ‘извиднички летови’ и велат дека вистинските ‘оперативни’ преговори почнуваат сега“, се вели во написот на „Катимерини“ насловен „Претстои работа, бидејќи двете страни ја меркаат Горна Македонија“.





