Според амбасадорот Ангелов, Бугарија го поддржа членството на Македонија во НАТО без услови?!

Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов ја истакна улогата на својата земја во зачленувањето на Македонија во НАТО.



„Го помогнавме членството во НАТО на Хрватска, Црна Гора, Албанија и Република Северна Македонија, која ја поддржавме безусловно, бидејќи тоа е наш геостратешки избор. А практичната придобивка е видлива од начинот на кој функционира баталјонската група на НАТО во Ново Село, под команда на италијански офицер, во која има војници од Бугарија, Република Северна Македонија, Албанија и САД, ова е всушност Коридорот 8“, изјави Ангелов на отворањето на виртуелната изложба „75 години НАТО и 20 години Бугарија во НАТО“, организирана од дописништвото на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Скопје.

Поддршката на Бугарија за членството на Македонија во НАТО не беше безусловна, како што тври Ангелов, туку дојде по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година од тогашните премиери Бојко Борисов и Зоран Заев, со кој беше формирана Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Нејзините одлуки ја обврзуваат, пред сè, Македонија за промени во учебниците по историја со операционализација на бугарската теза за „заедничка историја“. Уште за време на премиерствувањето на Заев, пак, беше извршено бришење на написите на повеќе споменици од Втората светска војна во Македонија во кои се споменува „бугарски фашистички окупатор“, а самиот тој даваше изјави дека Бугарија во војната не била окупатор, туку „администратор“ во земјава.