Горна Македонија, како што се изговара на македонски, без превод на грчки јазик. Ова е прифатливо решение за Ставрос Теодоракис, лидерот на грчката партија Река (Потами).
– Ние се осмелуваме и ја преземаме одговорноста и велиме дека го прифаќаме терминот Горна Македонија, непреведено како што им беше предложено на нашите соседи. Бараме да ги променат нивните учебници, бараме да се ослободат од иредентизми, но им велиме, кога сето ова ќе се направи, ќе си подадеме раце и ќе се договориме, затоа што како што рече Ками, а тоа важи и за нив и за нас: „Премногу ја сакам мојата татковина за да бидам националист“ – изјави Теодоракис.
Во однос на протестите за „одбрана на Македонија“, лидерот на Река, истакна дека тие немаат никакви заеднички точки со говорниците и слоганите од собирите, со оние кои бранат „една исплашена Грција, Грција што секаде гледа заговори“.
– Грција нема да доминира на Балканот затоа што ќе става вето. Ќе доминира, ако доминира, како примарна сила во економијата и културата – рече Теодоракис.





