Курто Дудуш, градоначалник на Шуто Оризари и лидер на Унијата на Ромите, го објасни влегувањето на неговата партија во предизборната коалиција „Европски фронт“ предводена од ДУИ со почитта кон нејзиниот лидер Али Ахмети.
„Не знам дали кај албанската заедница им се зборува на помладите генерации и дали не им е пренесено што направи тој човек во Македонија за албанската заедница. Ако би земал некој за пример по кои стапки да одам, за мојата заедница да го достигне тоа што го достигна албанската, нема подобар пример од Али Ахмети. Само пред 22-23 години Албанците беа исто така маргинализирани, дискриминирани како сега Ромите. Не им се давало право ниту на образование, ни вработување, секаде биле блокирани. Али Ахмети дојде за денеска Албанците да се рамноправен народ во Македонија и како да не го почитуваш тој човек. Тоа треба да им се каже на овие нови генерации, кои не знаат како беше пред 20 години и затоа реков, јас да сум Албанец, јас би го следел само него цел живот. Тука зборуваме за татко на нацијата, тука зборуваме за Али Ахмети, тој е татко на нацијата и мораме да го почитуваме“, објасни Дудуш.






