Линеарното зголемување на пензиите од 5.000 денари кое го најавува ВМРО-ДПМНЕ не е собирање гласови, туку одлука врз основа на реалноста како живеат одредени групи на граѓани во земјава, порача потпретседателката на партијата Гордана Димитриеска Кочоска во вечерашното издание на Вин Вин на Телма.
-Последните години се одеше на концептот на зголемување на пензиите процентуално, тоа значеше дека тој што има повисока пензија си добива и поголемо покачување, а оние што имаат пониска пензија добиваат помало покачување, вели Димитриеска-Кочоска.
Таа смета дека со линеарното зголемување се корегира јазот.
Димитриеска Кочоска најави и дека ќе има промени во начинот на досегашното корегирање на пензиите, кое се правеше два пати годишно, и потврди дека и во тие промени ќе биде применет принципот на линеарно покачување. Не очекува дека меѓународните институции како ММФ и Светска банка ќе реагираат поради зголемување на дефицитот во Пензискиот фонд кој многу веројатно би требало да биде покриен со заем токму од овие институции.






