Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, информираше дека досега се приведени три лица осомничени за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски на 21 март на паркингот пред поликлиниката во скопската населба Железара.



„Според моите информации, приведено е уште едно лице, значи вкупно приведени се три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена“, рече Тошковски кој денеска беше во работна посета на Општина Босилово.

Во вчерашното гостување во поткастот „Претрес“ Тошковски изјави дека има осомничени лица за убиството, како и одредени материјални траги кои водат до осомничените и посочи дека се преземени 20 истражни дејствија, како и дека се прегледани над 50 камери и видео записи.

Според првичните наоди, министерот рече мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.